Собирниот канал од хидросистемот "Стрежево" овозможува зафаќање на водите од водотеците на Баба Планина (реките: Кишавска, Граешка, Остречка, Злокуќанска, Стара Река, Киндерка и Драгор), условно во вегетациониот период и нивно доведување до месноста "Превлец" и внесување во сливот на реката Шемница („Јагура 1" од Горно Србечки Порој). Покрај претходно опишаната основна функција, алиментациониот канал активно партиципира во надополнувањето на непреработена вода за потребите на ЈП "Водовод" – Битола, а воедно претставува и алтернативен извор на технолошка вода за потребите на термоелектраната "Битола" и Фабриката за шеќер, со напомена дека според актуелната диспозиција на објектите од Хидросистемот водата претходно електро - енергетски се искористува со ХЕЦ "Филтерница" и ХЕЦ "Довлеџик".
За реализација на поставените задачи, како и за обезбедување на потребната експлоатациона сигурност и можноста за контрола, ревизија и евентуални санациони и корекциони зафати, собирниот канал во себе ги обединува следните објекти:
- Канал (вкупна должина).........................................................61.502 m
- Зафатни објекти со соодветна опрема..................................7
- 2 сифони со вкупна должина.................................................324 m
- 33 аквадукти со вкуона должина...........................................717,6 m
- Ревизионои шахти...................................................................54
- Патни премини........................................................................12
- Поројни премини.....................................................................5
- Денундациони пропусти.........................................................5
- Пропусти над канал.................................................................5
- Експлоатациони и пристапни патишта..................................сса 75 кm
- Чуварски куќарки....................................................................3
Според проектната документација, партиципацијата на собирниот канал во билансот на водите од Хидросистемот "Стрежево" изнесува 49,86*106 m3. Зафаќањето на водите од водотеците се реализира со тиролски зафати, кои се усвоени како најадекватни зафатни градби за зафаќање на води од планински реки кои транспортираат крупен нанос, и тоа:
Зафат на река | Стационажа | Кота | Q [l/c] |
Кишавска | km 61+502.00 | 1061.10 m н.в | 570 |
Граешка | km 56+946.82 | 1049.70 m н.в | 370 |
Остречка | km 45+643.49 | 1022.18 m н.в | 520 |
Злокуќанска | km 29+264.35 | 988.70 m н.в | 710 |
Стара Река | km 22+647.21 | 973.07 m н.в | 330 |
Собирниот канал е со максимална пропусна моќ од 5 m3/s. Каналот се протега по источните падини на Баба Планина и е изведен со затворен (правоаголен и кружен) поречен пресек на должина од 56 km и како отворен канал со трапезен поречен пресек од km 0+000 до km 5+334, со облога од набиен или армиран бетон во корелација со локалните геолошки услови. Надолжниот пад на каналот се движи од 0,175% до 0,3% со доминантен надолжен пат од 0,2%. Димензиите на слободниот профил на каналот се во корелација со потребната пропустна моќ и надолжниот пад на каналот при обезбедено течење под слободно водно огледало и обезбеден free board од 20 cm.