Детална цевководна мрежа
Наводнувањето е една од основните намени на хидросистемот „Стрежево“ и е застапено на 20200 ha нето обработлива површина (9331 ha во приватна и 10869 ha во државна сопственост), физички ограничена на просторот помеѓу реката Шемница на север, реката Црна на исток, главниот доводен канал на запад и македонско - грчката граница на југ. Дистрибуцијата на водата се врши преку деталната цевководна мрежа на Хидросистемот.
Опремата за наводнување е во сопственост на корисниците, а од методите за наводнување најзастапени се површинското наводнување, наводнувањето со вештачки дожд и капковидното наводнување.
Најзастапени земјоделски култури на површините кои се опфатени под системот за наводнување се: пченица, пченка, шеќерна репа, зеленчук, овошни, фуражни и индустриски култури
Деталната цевководна мрежа на ХС “Стрежево”, (ДЦМ), е приклучена на главниот доводен канал и овозможува наводнување на делот од Пелагонија (проектно предвидени 20.200 ha нето обработливи површини) лимитиран со реката Шемница на север, Црна Река на исток, македонско - грчката граница на југ и главниот доводен канал на запад. Доминантната положба на главниот доводен канал во однос на ДЦМ обезбедува природен притисок за наводнување со дождење на повеќе од 90 % од проектно предвидените земјоделски површини.
ДЦМ претставува мрежа од главни, разводни и делнични цевководи со вкупна должина од 534.067 m. Главните цевководи (вкупно 11) со вкупна должина од 104.487 m, со зафатните градби се директно приклучени на главниот доводен канал и истите се на меѓусебно растојание од 2 - 2,5 km, приближно ориентирани во правец запад - исток и покриваат нето површина од 175,3 - 3.217,7 ha. Главните цевководи се изработени од челичи цевки, TESAL цевки и цевки од тврд PVC (DN < 500). На главните цевководи се приклучуваат разводните и делничните цевководи. Делничните цевководи (вкупно 428) со вкупна должина од 429.580 m се поставени на меѓусебно растојание од 600 m и истите, генерално се протегаат ортогонално на правецот на кореспондентниот главен цевковод и покриваат површина од 30 - 60 ha. Делничните цевководи се изработени од цевки од тврд PVC. По должина на делничните цевководи, на секои 100 m е изведено изливно место (хидрант) на кое се приклучува опремата за наводнување.
Димензионирањето на цевководите е извршено врз база на претходно конструиран дијаграм за хидромодулот (максимална ордината – 0,89 I/s/ha). Со цел да се обезбеди регуларност во сите фази на работата на цевководите, предвидена е и поставена неопходната хидромеханичка опрема (вакуум клапни, воздушни вентили, затворачи, хидранти, регулатори на притисок, ударогасители и испусти со вградбени гарнитури). Изборот на опремата за наводнување на земјоделските површини (линеарни системи, аголни системи, различни типови на преносни дождовни гарнитури, самоодни бочни крила, автоматски прскалки - тифони, самоодни кружни прскалки и системи за капково наводнување) е направен со корелација со расположивиот притисок на изливното место, конкретните педолошки карактеристики и проектираната структура на посевите. При изборот на опремата за дождење, интензитетот на дождење е лимитиран на 5,5 mm/h.
Во рамките на ДЦМ се вклучени и сите припадни типски и посебни објекти, одводни канали со должина од 6.976 m, експлоатациони патишта со должина 50.641 m трите пунктови за одржување на ДЦМ со згради, помошни магацини, работилници, механизација и возен парк. Покрај тоа, во централниот пункт се лоцирани: централен магацин, хидро - лабораторија, педолошка лабораторија и бензинска пумпа.