Search горе

Најгоре десно контакт

ЈП Стрежево на Facebook YouTube канал на ЈП Стрежево  LinkedIn ЈП Стрежево images

Интервју на директорот Граматковски за МИА - Медиумска информативна агенција

   ЈП „Стрежево“- Битола со амбициозна програма и нови инвестиции

  • Јавното претпријатие „Стрежево“-Битола ќе гради фотоволтаична централа со капацитет од 500 киловати, ќе изврши рехабилитација на главни и делнични цевководи од цевководната мрежа, а за ски центар „Стрежево“ кај Нижо Поле, изработен е проект за вештачки снег. Според генералниот директор Методија Граматковски, амбициозната програма и новите инвестиции се планирани по завршувањето на успешната деловна година на претпријатието.

 

ЈП „Стрежево“- Битола со амбициозна програма и нови инвестиции

Битола, 20 февруари 2023 (МИА) -Јавното претпријатие „Стрежево“-Битола ќе градифотоволтаична централа со капацитет од 500 киловати, ќе изврши рехабилитација на главни и делнични цевководи од цевководната мрежа, а за ски центар „Стрежево“ кај Нижо Поле, изработен е проект за вештачки снег.

Според генералниот директор Методија Граматковски, амбициозната програма и новите инвестиции се планирани по завршувањето на успешната деловна година на претпријатието.

-Во 2022 година имавме најголеми приходи од основањето на претпријатието и за голем процент ги намаливме непродуктивните трошоци. Тоа беше охрабрување заедно со вработените да планираме изградба на фотоволтаична централа на сопствено земјиште и со сопствени средства со капацитет од 500 киловати со што ЈП „Стрежево“ ќе биде прво јавно претпријатие во државата кое произведената електрична енергија од ваков капацитет ќе ја продава на слободниот пазар а со тоа ќе ги зголеми приходите во претпријатието. Паралелно, во план е рехабилитација на главни и делнични цевководи од цевководната мрежа од неколку километри со нови цевки и хидромеханичка опрема, а тоа се инвестиции со кои во цевководната мрежа ќе се намали загубата од вода, ќе имаме поквалитетно и навремено испорачување на вода и секако ќе се намалат дефектите на цевководите и штетите по културите на земјоделците, истакна Граматковски.

ЈП „Стрежево“ значително ги подобри условите за престој и рекреација во ски центарот кај Нижо Поле, а следната зимска сезона ќе биде продолжена со вештачки снег.

-Љубителите на зимските спортови знаат дека ја зголемивме нивната безбедност, ги сменивме влечните јажина на двата ски лифта, поставивме панично осветление со лед рефлектори на столбовите за ноќно скијање и ги осветливме паркинзите на ски центарот.  Како претпријатие нарачавме физибилити студија, а мерењата покажаа дека имаме одлични услови за систем за вештачки снег и затоа со сопствени средства нарачавме и основен проект. Сега сме во фаза на добивање на градежна дозвола. Задоволството е големо што можам да кажам дека по повеќе од четириесетина години станува реалност вештачкиот снег на Пелистер. Очекуваме да добиеме градежна дозвола, а потоа со помош на Владата, грантови од Европската унија и наши средства ќе можеме да ја реализираме и оваа значајна инвестиција, посочи Граматковски.

Од ЈП „Стрежево“-Битола информираа дека наплатата на испорачана вода од акумулацијата достигна 92 проценти, и во текот на годината цените за испорачана вода кон земјоделците нема да се менуваат.

-„Стрежево“ и оваа година ќе испорачува вода по стари цени за земјоделците. Цените се исти од 2014 година. И во оваа кризна година, претпријатието со професионално менаџирање ќе обезбеди финансиски средства за тековно работење, но и за најавените инвестиции, а тоа значи дека ќе ги зголеми приходите и ќе ги намали расходите. Ние ќе продолжиме со рационално трошење на водата од акумулацијата која во овој момент е полна со околу 60 милиони метри кубни вода, што во споредба со ланската година во овој период, имаме 10 милиони повеќе и е добра стартна основа за претстојната година, посочи Граматковски. мт/сст/