Сопствени средства ЈП “Стрежево” - Битола инвестира во делот на водостопанската инфраструктура, со единствена цел - реализацијата на сите предвидени проекти на кои што работиме за овозможување зголемување на наводнуваните површини, намалување на загубите од вода, трајно решавање на проблемите со наводнување и создавање на услови за рентабилно земјоделско производство.
Во тек е реализација на проект за рехабилитација на Главен цевковод G-1 ( Драгарино -Могила), замена на дотраени цевки со DN 500mm со нови дуктилни цевки со DN 600mm во атарот на општина Могила.
Се врши промена и на хидромеханичка опрема во селата Поешево, Кравари, Бистрица, Олевени и Жабени односно се инсталираат линиските затворачи со DN 600mm на главните цевководи: 6C (Кравари - Оптичари), 7C (Бистрица) и 8C (Барешани-Жабени-Егри).
“Со имплементацијата на овој проект и воспоставувањето на примарна инсталација ќе се придонесе да се подобри ефикасноста при користењето на водите, порамномерна распределба на водните ресурси односно ќе се воведе парцијално исклучување во случај на дефект на цевковод со што ќе го добиеме посакуваниот ефект - економичност, користење, функционирање и одржување на хидросистемот “Стрежево”, како и воспоставување на услови за поуспешно стопанисување во целост. ” - изјави директорот на претпријатието, Методија Граматковски.