Денес, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, имаше работна посета на ЈП „Стрежево” - Битола.
Во рамките на работната посета оствари средба со директорот на претпријатието Методија Граматковски.
„На средбата покрај одличната соработка со министерството, ја истакнав потребата од дополнителна поддршка на проекти од доменот на водите, кои ќе бидат од витално значење за благосостојбата на граѓаните на Битола и регионот.
Добив уверување дека ќе бидат вложени максимални напори, за успешна реализација на проекти со цел заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните” - изјави директорот Методија Граматковски.
Во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање е Законот за водите, а ние како институција која стопанисува со води и има Дозвола за зафаќање, користење и акумулирање на вода, имаме заедничка обврска да ги реализираме сите мерки и активности за рационално и ефикасно користење на водите, одржлив развој на водните ресурси, како и заштита на водите и заштита од штетното дејство на водите.
„Претпријатието останува посветено на својата примарна цел - достапност до доволно количество квалитетна вода, заштита, зачувување и постојано подобрување на расположливите водни ресурси, како и прогресивно намалување на штетните испуштања и елиминирање на емисии на опасни материи и супстанции во водите со кои стопанисуваме” - додаде Граматковски.